Жителите на албанското село Лазарат, познато по производство на марихуана, годишно заработуваат по неверојатни 4,5 милијарди евра од шверц на тоа наркотично средство, објави Шекули.
Таков податок во Тирана искажа Стефано Бастони, директор на италијанската полициска авијација, која беше вклучена во акција за откривање на парцели со насади со марихуана на територијата на Албанија.
– Во ова село се произведуваат 900 тони марихуана, од чија продажба заработката изнесува 4,5 милијарди евра. Извршивме фотографирање од воздух кое ја потврдува реалноста на Лазарат како никогаш досега, изјавил Бастони на заедничка прес конференција со Хисни Бургај, генерален директор на албанската полиција.
Од мониторингот на италијанските хеликоптери, како што потврдиле и двајцата, најпроблематични подрачја каде наголемо се одгледува марихуана, се околиите Валона, Скадар, Ѓирокастро, Тирана и Драч.
– Акцијата за откривање и уништување на засадената марихуана ќе продолжи до септември. Борбата против одгледувањето на ова наркотично растение ќе продолжи се до целосно бришење на Албанија од картата на одгледувачи на овој вид наркотично растение, изјави Бургај.
Иако се знае дека во Лазарат марихуната се одгледува на секое парче од земјоделски површини, дури и во дворовите на куќите, полицијата не може да влезе. При секој обид тоа да го стори селаните одговараат со оружје.