Азербејџан, по преговорите со Русија, ги повлече своите сили од населбата Фурух во Нагорно Карабах, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.
„По преговорите, азербејџанската страна ги повлече своите единици од областа во близина на населбата Фурух“, се наведува во соопштението на руското министерство, пренесе Тасс.
Руското Министерство за одбрана додаде дека Москва забележала два случаи на прекршување на примирјето во Нагорно Карабах, што биле извршени од азербејџански сили.
Во нив, како што наведе руското МО, ранети биле четири лица, по двајца на двете страни.
Командата на рускиот мировен контингент заедно со претставниците на двете страни ја стабилизирала ситуацијата, се додава во соопштението.
Руската војска вчера соопшти дека вооружените сили на Азербејџан влегле во зоната на одговорност на рускиот мировен контингент на територијата на Нагорно Карабах и поставиле набљудувачка станица.
Од 24 до 25 март, азербејџанските сили извршија четири напади со беспилотни летала од типот Барјактар врз единиците на Нагорно-Карабах во близина на населбата Фурух.
Извор: МИА