Вашингтон ќе ги задржи санкциите против Револуционерната гарда дури и ако се постигне нуклеарен договор со Иран

Од:

САД ќе ги задржат санкциите против Иранската револуционерна гарда, идеолошката војска на земјата, дури и ако се постигне договор за нуклеарното прашање, изјави денеска американскиот специјален пратеник за Иран Роберт Мали.

– Тие ќе останат под санкции според американскиот закон и нашата перцепција кога станува збор за нив секогаш ќе остане иста, рече американскиот дипломат во обраќањето на Форумот во Доха во Катар.

Техеран бара од САД да ја отстранат Револуционерната гарда од листата на терористички организации.

Иран вчера потврди дека укинувањето на санкциите за гардата е меѓу точките што сè уште се дискутираат во врска со заживувањето на иранскиот нуклеарен договор.

Во Доха, каде се собрани политичките и економските лидери, Роберт Мали предупреди дека нуклеарниот договор не е ниту неизбежен, ниту многу близок.

– Ние сме доста блиску до постигнување договор, но веќе некое време сме доста блиску и мислам дека тоа ви кажува сè што треба да знаете за тешкотиите на покренатите прашања, рече тој.

Во Доха е и поранешниот ирански министер за надворешни работи Камал Карази, сега советник на врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи. Тој рече дека Револуционерната гарда е национална армија и дека не може да се стави на списокот на терористички организации.

Техеран веќе неколку месеци преговара во Виена со Кина, Русија, Франција, Велика Британија и Германија за да го спаси договорот од 2015 година, кој има за цел да го спречи Иран да развие атомска бомба. За возврат, Иран, кој секогаш негираше дека сака да направи атомска бомба, бара укинување на санкциите што ја задушуваат неговата економија.

Во преговорите во Виена индиректно учествуваат САД, кои се повлекоа од иранскиот нуклеарен договор во 2018 година, по одлука на тогашниот претседател Доналд Трамп и повторно воведоа санкции кон Иран. Како одговор, Иранците постепено се откажаа од ограничувањата наметнати на развојот на нивната нуклеарна програма.

Координаторот на Европската унија Енрике Мора денеска е во Техеран, каде што треба да се сретне со својот ирански колега Али Багери.

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел вчера изјави дека склучувањето на иранскиот нуклеарен договор е „прашање на денови“.

Би можело да ве интересира

Америка потврди: Им дадовме зелено светло, можат да нападнат

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Чувар на американската амбасада во Осло уапсен под обвинение за шпионажа

Горан Наумовски

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот

Со проектили е погодена воена база на САД во Сирија