Јавен обвинител отстранет од функцијата поради дисциплинска постапка, довел предмети до застарување

Од:

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија донесе Решение за оддалечување од функцијата за еден јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје за време додека трае дисциплинската постапка поведена против него поради основано сомнение дека сторил – Тешка дисциплинска повреда од член 91 став 1 алинеја 8 од Законот за јавното обвинителство.

При вонреден надзор од Вишото јавно обвинителство Скопје е констатирано дека јавниот обвинител во значителен дел од предметите кои му се доделени во работа не ги презел неопходните дејствија согласно Законот за кривична постапка заради донесување мериторна јавнообвинителска одлука, при што кај еден дел од предметите настанало пролонгирање на постапката или застареност на кривичното гонење.

Од почетокот на примената на новиот Правилник за начинот на спроведување на постапката за утврдување одговорност на јавен обвинител за сторена дисциплинска повреда, донесен на 18.05.2021 година, ова е петта поведена дисциплинска постапка за јавен обвинител.

Во другите четири постапки, за јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово исто така е донесено решение за оддалечување од функцијата, за јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола е изречена дисциплинска мерка – намалување на плата во износ од 20% во траење од четири месеци, за јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Ресен е изречена дисциплинска мерка – намалување на плата во износ од 30% во траење од четири месеци, додека една постапка против јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид е во тек. Пред Советот на јавните обвинители во тек е жалбената постапка на уште тројца јавни обвинители за кои дисциплинските мерки беа изречени во дисциплинска постапка спроведена според стариот Закон за јавно обвинителство и претходно важечкиот Правилник.

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија нагласува дека основна должност на јавните обвинители е секогаш, без оглед на околностите, да ги преземаат службените дејствија во согласност со важечкото национално и меѓународно законодавство и да ја вршат својата должност законито, непристрасно, праведно, посветено и во што е можно пократок рок. Сите утврдени дисциплински повреди ќе се санкционираат согласно одредбите на Законот за јавно обвинителство.​

Би можело да ве интересира

Приведениот виш јавен обвинител е осомничен дека влијаел во најмалку четири случаи

Катерина Ѓуровски

Обвинение за пет интернисти од битолската болница за смртта на 40-годишна жена

Катерина Ѓуровски

Четворица крадци пустошеле низ Боговиње: однеле пари, злато и оржје, штетата е 250 илјади евра

Поднесено обвинение за дел од осомничените во предметот со фалсификуваните возачки дозволи

Поднесено обвинение и продолжен притворот на осомничениот за опожарувањето возила пред Амбасадата на Бугарија

Савески: Еден обвинител работи за тројца, но квалитетот на одлуките не е нарушен