Западниот Балкан доби свое место во Стратешкиот компас како идна воена стратегија на Европската Унија.
Во Документот се посочува дека „безбедноста и стабилноста низ Западен Балкан се се уште нецелосни поради растечкото странско мешање, кампањи за манипулација со информации, како и потенцијално прелевање од сегашната влошена европска безбедносна ситуација“.
„Видливиот напредок во владеењето на правото и реформите засновани врз европските вредности, правила и стандарди треба да продолжат, а европската перспектива е стратешки избор, суштински за сите партнери кои бараат членство во ЕУ“, се вели во Стратешкиот компас за Западен Балкан.
Со Стратешкиот компас земјите-членки на ЕУ усогласуваат заедничка стратешка визија за улогата на Унијата во безбедноста и одбраната и се обврзуваат на серија конкретни и широки насоки за постигнување на тие цели во следните пет до десет години. Како што е официјално објаснето, имајќи ја предвид таа цел „ЕУ прво треба да го процени своето специфично стратешко опкружување и приоритети“.
Шефовите на дипломатиите на земјите-членки на ЕУ на вчера одржаната средба дадоа зелено светло за Стратешкиот компас, а Документот треба да добие формална потврда на лидерскиот состанок на Унијата закажан за оваа седмица.
Извор: МИА