Издавачот Бункер, во рамките на едицијата Апслоутни почетници, го издаде својот шести графички роман Пјонгјанг – Патување низ Северна Кореја, од канадскиот автор и цртач Ги Делил.
Иако секојдневно се провлекува низ светските медиуми, Северна Кореја е без сомнение една од најтаинствените и најинтригантните земји во светот. А низата катастрофи, како природни, така и оние предизвикани од човечка рака, ја направија и една од најсиромашните.
Кога оваа затворена држава реши да ги подотвори вратите за странски инвестиции во почетокот на 2000-тите години, канадскиот цртач Ги Делил се затекнал во нејзината престолнина Пјонгјанг за да работи на цртан филм за една француска компанија.
Како еден од ретките западњаци што имал можност од прва рака да го почувствува пулсот на овој надреален град, Делил ги преточил своите искуства во графички роман, кој предизвика воодушевување кај читателите и критиката и му донесе бројни признанија и награди.
„Вооружен“ со прошверцувано радио и примерок од 1984 на Џорџ Орвел, Делил можеше да го истражува Пјонгјанг и неговата околина само во придружба на неговиот водич и преведувач. Но на крајот тој сепак дозна многу повеќе за културата и животот на земјата каде владее единствената светска комунистичка династија, одошто неговите домаќини посакуваа. Неговите духовити и зајадливи забелешки за животот под строгиот режим се темелот на овој стрип. На крајот, може да се заклучи дека Пјонгјанг претставува во исто време и информативен и интимен поглед на оваа енигматична земја.
Објавувањето на графичкиот роман на македонски јазик го поддржа Министерството за култура. Преводот од француски јазик е на Радмила Ризова, а дизајнот, типографијата и подготовката за печат се на Ласко Џуровски, Тотем д.с. Издавачот „Бункер“ веќе 10 години ја поседува првата специјализирана книжарница за стрипови кај нас.