Владата на германската покраина Баварија е незадоволна од новиот нацрт закон за заштита од инфекција, според кој се укинуваат речиси сите епидемиолошки мерки во Германија.
Затоа, Баварија размислува да „оди по свој пат“.
– Дали Баварија ќе оди по друг пат, е тема на денешната седница на Владата, најави министерот за здравство, Клаус Холечек, во изјава за „Зидојче цајтунг“.
Нацрт законот им овозможува на покраините во таканаречените „хотспот“ области (hotspot – каде има зголемен ризик од пренос на болест), да воведат епидемиолошки мерки. Па така, Баварија ја разгледува можноста да ја прогласи целата покраина за „хотспот“ од 20 март, кога завршуваат моменталните мерки.
Сепак, додаде Холечек, тоа е тешко, бидејќи предлог-законот на германската Влада нема основа да се прогласи цела покраина или цел округ за „жешка точка“, што би била неспорна пред судот.
Извор: МИА