Најавеното поскапување на цените на бензинот и дизел горивата, ги поттикна возачите од Скопје да побрзаат да ги наполнат своите резервоари.
Претходно, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги ја информираше јавноста дека во изминатиот седумдневен период референтните цени на сите нафтени деривати на светските берзи бележат до сега незабележан рекорден раст кај сите нафтени деривати и тоа: кај бензинот за 10,990 %, кај дизелот за 21,147% , кај екстра лесното масло за 18,278% и кај мазутот зголемување за 13,830%.
„Паралелно, во истиот период курсот на доларот во однос на сите светски валути зајакнува и во однос на денарот е зголемен за значителни 1,401 %. Согласно овие податоци, РКЕ донесе одлука со која се вкалкулирани сите овие трендови, со што се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 10,21 % во однос на Одлуката од 28.2.2022 година“, соопштија од Регулаторната комисија.
Ова е вторпат месецов да се создаде паника меѓу возачите, откако пред само неколку денови, можеа да се видат слични колони од возила пред бензинските пумпи.