Европската Унија и натаму е загрижена за ситуацијата во Босна и Херцеговина, посебно во контекст на руско-украинската војна, но за сега нема санкции на маса, јави дописничката на МИА од Брисел.
Европската Унија “јасно ја осудува сецесионистичката реторика“ од страна на одредени политичари и чинители во Босна и Херцеговина, повтори денеска портпаролот за надворешна политика во Европската Комисија, Петер Стано.
Ситуацијата во Босна и Херцеговина беше веќе извор на загриженост во Европската Унија и пред да избие војната помеѓу Русија и Украина поради сѐ почестите изјави и чекори од страна на лидерите на Република Српска во насока на сепаратизам. Со војната во Украина, Европската Унија повтори дека од блиску ја набљудува ситуацијата на Западниот Балкан и посебно Босна и Херцеговина каде се стравува од руското влијание врз Република Српска и обидите да се подгрее национализмот.
-Европската Унија ќе искористи сѐ што има на располагање, вклучително и рамката на санкции, но за ова како и за секоја ваква одлука, им припаѓа на земјите членки кои ја носат со консензус, потсети портпаролот Стано за обидите на Република Српска да ги блокира санкциите на Босна и Херцеговина против Русија.
За сега Европската Унија повторува дека едногласно ги осудува сите провокативни изјави од политичарите и во БиХ и бара да се стави крај на политичката криза за да може државата и нејзините институции повторно да профункционираат нормално.
Доколку дојде до санкции тоа на јавноста ќе и биде соопштено откако земјите членки за тоа ќе се договорат и согласат.
Извор: МИА