Вкупно 6.932 повикувања за советување на родители и ученици во основните и средните училишта се реализирани заклучно со месец јули 2013 година во рамки на проектот на Министерството за образование и наука „Советување на родители-родителска школа“, јавува МИА.
Како што информира на денешната прес-конференција министерот за образование и наука Спиро Ристовски од посочениот број советувања остварени во вкупно 219 училишта за изостаноци на ученици се извршени 2.085 (1.208 во основните и 877 во средните училишта), поради намален успех на ученикот 3.726 (2.104 во основните, 1.622 во средните), поради несоодветно однесување на ученикот 260 (245 во основните, 15 во средните) и поради други причини 861 (820 во основните и 41 во средните) советување.
– Родителите се советуваа во групи според сличноста на проблемите на учениците и за време на советувањето тие активно учествуваа и разменуваа искуства за начините на воспитување на децата. Советувањето се спроведуваше во просториите на училиштето во две шеесетминутни средби во период од најмногу две недели, а за целиот процес согласно законските одредби задолежни се психолизите во училиштата. Доколку во нив нема вработено психолог, советувањето може да го изврши и педагог – појасни Ристовски.
Според него, преку оваа мерка родителите повторно се вклучуваат во системот и се овозможува нивна поголема заинтересираност во развојот на воспитната компонента и нејзина реализација во основното и средното образование.
Министерот Ристовски информира дека во завршна фаза е изработката на прирачници со кои ќе се подготви ваква идентична програма во која покрај работата со учениците преку нивните родители ќе се започне и со директна работа со учениците кај кои по која било основа се забележуваат проблеми во нивниот образовен процес.
МОН започна со реализација на проектот „Советување на родители-родителска школа“ од почетокот на 2012 година. Целта на проектот е да се советуваат родителите чии деца нередовно посетуваат настава, имаат слаб успех во учењето и манифестираат разни форми на несоодветно однесување, како и советување на самите ученици.