Бензин има само за илјадарка, но не и полн резервоар: Граѓаните обвинија за воено профитерство

Од:

Километарски гужви има веќе неколку часа на бензинските пумпи низ Скопје, но и низ цела држава. На дел од местата каде се точи гориво, има забрана да се продава нафтени деривати повеќе од 1.000 денари по возило. Вработените велат дека тоа е насока која ја добиле од нивните претпоставени и мора да ја почитуваат. Причината, неофицијално е тоа што некои од компаниите сакаат горивото да го продаваат по повисоки цени, бидејќи се очекува драстично зголемување. На социјалните мрежи има и низа критички коментари, а овој потег е наречен „воено профитерство“.

„А1он“ се обиде да исконтактира со Анета Симеска-Димоска, директорка на Пазарниот инспекторат. И тие имале пријава. Постапиле, но на терен, немало утврдено дека некој одбил да точи гориво, колку што е побарано. Но посочува дека имало и случаи каде граѓани со канистери оделе на бензински за да им се точи нафтени деривати, за да прават залихи.

„Ние ја имаме информацијата од попладнево дека има такви случаи. Има и од сабајле. Пријавија и Регулаторна, која е во тек. Информирано е министерството. Алармирана е пазарната инспекција. Немаме на лице место утврдено таков случај. Но имаме граѓани кои ни потврдиле дека тоа се случува. Како добиваме информации, така реагираме. Сега се вели дека се отстранети тие работи, ни тврдат дека се точи колку што се побарало. Оделе граѓани со канистери да полнат гориво, а тоа било забрането“, вели Симеска-Димоска за „А1он“

Граѓаните, пак, се револтирани. Некои точат гориво бидејќи немаат, други, затоа што сметаат дека војната во Украина ќе донесе енормно високи цени на нафтените деривати. Потврдуваат дека им се одбива барањето да добијат полн резервоар со гориво.

„Ова е катастрофа. Чекавме 30-40 минути, па потоа, ни викаат не може повеќе од 1.000 денари да ми наточат. Класични профитери, чекаат да се покачи цената па да продаваат и заработуваат повеќе“, посочува лице кое го затекнавме на бензинска во Влае.

Засега не се знае дали и колку ќе поскапат нафтените деривати. Денеска поскапи само плинот, а во понеделник треба да се сменат и другите цени.

„А1он“ се обиде да исконтактира и со Марко Беслимовски, претседател на Регулаторна комисија за тоа колкави се резервите на гориво, дали има доволно како и дали направил контрола – но тој е недостапен.

Би можело да ве интересира

Поскапува дизелот, цената на бензините останува иста

Поскапуваат горивата

Поскапуваат бензините и дизелот

Горан Наумовски

Поевтинува мазутот

Поевтинуваат бензините и дизелот

Поевтинува ЕУРОСУПЕР БС – 95