Молдавските власти ќе испратат барање за членство во Европската унија, изјави претседателката Маја Санду на брифинг.
– Ќе ја потпишеме денеска апликацијата за пристапување на Молдавија во Европската унија. Таа ќе биде испратена до францускиот претседател Емануел Макрон, истакна Санду.
Претседателката на Молдавија потоа го потпиша документот заедно со претседателот на Парламентот Игор Гросу и премиерката Наталија Гаврилица.
– Подготвени сме да направиме се за да ја постигнеме нашата главна цел. Тоа беше изборот на нашите граѓани, кои иднината на нашата земја ја гледаат во Европската унија. Знаеме што треба да се направи за да биде нашата земја примена во ЕУ, и ние сме подготвени да ја завршиме оваа задача чекор по чекор. Имаме уште многу работа, нагласи Санду.
Молдавија потпиша договор за асоцијација со ЕУ во 2014 година, преземајќи голем број обврски. Особено, Кишињев мора да ги усогласи локалните закони со стандардите на ЕУ и да ја координира својата надворешна политика. За возврат, републиката доби безвизен режим со ЕУ и беше воспоставена зона за слободна трговија.
Извор: МИА