Закрепнувањето на македонската економија продолжи и во првото тримесечје при што БДП оствари раст од 2,9 проценти, а остварувањата за вториот квартал исто така упатуваат на задржување на економијата во зоната на солиден годишен раст согласно проектираното.
Ова стои во кварталниот извештај што денеска го разгледа Советот на Народна банка на Република Македонија.
Во периодот од априлските проекции досега, клучните макроекономски параметри во домашната економија главно се движеа во согласност со очекувањата. Остварениот раст е малку посилен од очекуваниот во априлската проекција, одразувајќи ги подобрите остварувања кај инвестициската побарувачка и посилниот позитивен придонес на нето-извозот.
Во текот на вториот квартал беше остварена годишна стапка на инфлација од 3,6 проценти, што е во согласност со очекувањата. Од аспект на ризиците за инфлацијата, тие засега се оценуваат како урамнотежени, а априлските оценки како соодветни.
Остварувањата во надворешниот сектор во првиот квартал не отстапуваат значително од проектираните. Во првите три месеци од годината, кај тековната сметка е остварен малку повисок дефицит во однос на очекуваниот, заради повисокиот трговски дефицит и малку пониските приватни трансфери, при подобри остварувања кај услугите. Во рамките на капитално-финансиската сметка се остварени повисоки нето-приливи од проектираните, во најголем дел поради пониските отплати кај трговските кредити во однос на очекувањата. Најновите расположливи податоци за билансот на плаќања во вториот квартал (април и мај) упатуваат на повисок дефицит во тековната сметка во однос на очекуваниот, предизвикан од влошувањето на салдото на услугите и малку пониските приливи кај трансферите. Остварувањата кај доходот се во согласност со проекцијата, а трговскиот дефицит е помал во однос на очекуваниот.
На девизниот пазар, интервенциите на НБРМ беа во насока на нето-продажба на девизи, што беше во согласност со очекуваната динамика. Показателите за адекватноста на девизните резерви и натаму се поволни, со оценки за комфорно ниво за апсорбирање на потенцијалните, непредвидени шокови.
Во рамките на монетарниот сектор, последните расположливи податоци заклучно со крајот на вториот квартал укажуваат на постепено раздвижување на кредитната активност и остварување на проектираниот кредитен раст. И покрај поволните остварувања во последните месеци, во услови на сè уште слабо економско закрепнување, на глобален и на домашен план и натаму постојат надолни ризици околу остварувањето на кредитниот раст проектиран за 2013 година. Се очекува дека и во следниот период големо влијание врз динамиката на кредитната активност ќе имаат квалитетот на кредитното портфолио на банките, како и конзервативните стратегии на некои банкарски групации кои со свои ќерки се присутни на домашниот пазар.