Геј активисти синоќа истурија водка пред Рускиот конзулат во Њујорк, како израз на протест против новите закони во Русија со кои се кршат правата на хомосексуалците.
Бојкотот на руската водка беше најавен минатата недела од страна на активисти за правата на хомосексуалците и новинарот Дан Севиџ. Оттогаш сопствениците на геј барови во САД, престанаа да нудат „Столичнаја“ и други руски водки.
Пред Рускиот конзулат во Њујорк активисти за човековите права истирија неколку шишиња со водка, носејќи транспарент со паролата „Руската водка е измешана со омраза“.
Повици за бојкот во САД се појавија уште во текот на мај, кога беше објавено дека еден 23-годишен Русин бил малтретиран и убиен, откако на пријател му признал дека е хомосексуалец.
Во јуни рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон, што забранува „хомосексуална пропаганда“, што, според критичарите, може да се искористи против секој еден што ги брани правата на хомосексуалците. Путин, исто така, забрани истополовите семејства да посвојуваат деца.
Американскиот бојкот е фокусиран главно против „Столичнаја“ и покрај тоа што компанијата производител на овој бренд водката соопшти дека ги поддржува правата на хомосексуалната заедница.