Директор на Управата за заштита на културно наследство ќе биде Виктор Лилчиќ, професор на Филозофскиот факултетет и доктор на археолошки науки.
Владата на вчерашната седница го именуваше Виктор Лилчиќ, а периодот на мандатот, согласно законот, изнесува четири години. Истовремено и официјално e констатиран престанокот на мандатот на досегашниот директор Паско Кузман, кој пред неколку месеци ги исполни условите за старосна пензија и продолжи да го врши раководењето со институцијата до назначувањето на новиот директор.
– Лилчиќ се пријави на првиот јавен повик за пројавување интерес за ангажман на раководни функции каде беше предвидена и оваа позиција и остави најдобар впечаток на интервјуата и во првата и во втората фаза. Презентираше добри идеи за управувањето со институцијата и развој на дејноста и затоа Владата реши да му ја даде довербата, изјави владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Според него, ова е комплетен доказ за исправноста на владината политика за промоција на еднакви шанси за граѓаните да можат да бидат избрани и именувани на раководни позиции и аргумент дека овој концепт функционира и дава резултати.