Нов арач за матичните лекари, по 1.000 евра треба да платат за акредитација на ординациите

Од:

Ординациите од општа и семејна медицина, педијатрија и гинекологија добиле обврска да се акредитираат, а за услугата да платат по 1.000 евра. Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи оваа недела почнала да ги известува лекарите кои имаат ординации за новата давачка.

„Ова е арач, не можам поинаку да го кажам. Меѓу нас има лекари со 30-годишно искуство. За да ги отворат ординациите платиле лиценца во Лекарската комора, направиле елаборат кој Државниот санитарен и здравствен инспекторат го одобрил, минале уште еден куп институции, платиле давачки и сега повторно да плаќаат е надвор од здрав памет. Агенцијата што ја наметнува новата давачка се однесува како да е од Марс, како да не знаат дека минатата недела сопревме со работа за да предупредиме дека веќе се наоѓаме во многу лоша состојба. Има околу 500 ординации кои имаат приход од 50 – 60.0000 денари, а добија поскапена струја, поскапени материјали, зголемена минимална плата. Ваквите ординации ќе затворат, нема начин да платат сè. Ќе нема кој да го лечи народот“, вели Лилија Чолакова-Дервишова, матична лекарка од Велес, претседателка на Здружението на приватни матични лекари.

Давачка од 1.000 евра, според Чолакова-Дервишова е неприфатилива и неиздржлива па затоа ги известила Министерството за здравство и Државниот санитарен и здравствен инспекторат дека не прифаќаат да плаќаат за акредитирање на ординациите. Очекува и за ова барање, како и за оние од минатата недела за покачување на капитациониот бод барем на 75 денари од ветените 90 и ревидирање на правилниците за работа, преку преговори да се најде решение кое нема да биде на штета на лекарите.

„Министерот и заменикот имаа рок од две недели да организираат јавна расправа за проблемите со кои се соочуваме. Во спротивно, веќе се договараме на 4 март да почнеме штрајк. Сериозно ја разгледуваме оваа можност и овој пат прекинот нема да биде само еден ден туку подолго време. Ако не добиеме повратен одговор на нашите барања, ќе ги известиме претходно пациентите да си ја земат потребната терапија и на 4 март ќе ги затвориме ординациите“, вели Чолакова-Дервишова и нагласува дека од петокот, кога беше на средба со министерот и за здравство и неговиот заменик, никој не ја контактирал за евентуална нова средба за решавање на проблемите.

Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи не одговори на прашањата од „А1он“ во врска со новата давачка за лекарите од примарно здравство, последиците доколку не ја платат и роковите во кои треба да ја завршат. На нивната веб-страница е објавено известувањето до ординациите за акредитацијата.

„Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи ве известува дека започнува со акредитација на ординации од примарна здравствена заштита, односно ординации по општа/семејна медицина, ординации по педијатрија и ординации по гинекологија и акушерство. Процесот на акредитација се спроведува врз основа на однапред утврдени стандарди за акредитација. Стандардите за акредитација на ординации од ПЗЗ се усвоени од страна на Владата на РСМ на 130 седница одржана на ден 28 декември 2021 година и објавени во ‘Службен весник’ бр.20 од 28 јануари 2022 година. Врз основа на член 243 од Законот за здравствена заштита сите здравствени установи имаат обврска да пристапат кон процесот на акредитација“, стои во објавата на Агенцијата.

„А1он“ побара објаснување за новата давачка за ординациите и од Министерството за здравство, но и од таму не одговорија на прашањата.

Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат за „А1он“ велат дека во однос на акредитацијата на ординациите, нивна обврска било да номинираат член кој ќе учествува во процесот на акредитирање на здравствените институции, но одговори на прашањата што ќе се случи со оние кои нема да платат за акредитирање, посочија дека треба да даде Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи.

Давачката за акредитација не е единствената дополнителна за која добиле лекарите добиле известување оваа недела.

„Кому како му текне ни натоварува давачки. Освен 1000 евра за акредитација нè известија и дека треба по 15.000 денари да платиме на Агенција за заштита на лични податоци, ќе нè учеле како да ги чуваме картоните на пациентите. Па ние 30 години работиме со картони и исто толку време ги заштитуваме податоците на пациентите, а сега треба да плаќаме за тие нас да нè научат како да ги чуваме“, вели матичната лекарска Чолакова-Дервишова.

Поради насобраните давачки и игнорантскиот однос на здравствените власти матичните лекари во петокот ги отворија ординациите, но не издаваа рецепти, не даваа упати и ги прегледуваа само итните пациенти.

Би можело да ве интересира

Вработените во авиокомпанијата Боинг стапија во штрајк за прв пат по 16 години

Што подолго без договор, поблиску до прекин на наставата-ниту законот на Груевски не може да спречи штрајк

Предраг Петровиќ

Штрајкуваат вработените во МАНУ, бараат повисоки плати

Горан Наумовски

Генерален штрајк во Израел: Судот нареди -веднаш престанете

Штрајкот на Пошта во мирување, се чека Владата за помирувачот да закаже состанок со новиот министер

Анита Петровска Рајковиќ

Матичните лекари се жалат на казните за пречекорување на издадени лекови