Министерството за надворешни работи на Белорусија денеска соопшти дека на потегот на рускиот претседател Владимир Путин гледа со почит и разбирање, но стана збор за тоа дали Минск ќе го следи тој пример и ќе ги признае самопрогласените украински области Доњецк и Луганск.
Како што пренесе Бета, најблиските сојузници на Русија изгледа не се подготвени веднаш да ја поддржат одлуката на Москва да ја признае независноста на областите под контрола на бунтовниците во источна Украина.
Претседателот на Казахстан, кој минатиот месец побара безбедносен сојуз на чело со Русија со цел да се смират насилните немири во земјата, рече дека прашањето за признавање на сепаратистичките региони не е на агендата на земјата.
Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев, кој е во Москва на разговори со Путин, во своите јавно објавени изјави не го спомена руското признавање на Доњецк и Луганск, туку се фокусираше на билатералните односи.
Ерменија сè уште не објавила никаква порака за поддршка за рускиот потег.
За тоа време, Путин се обиде да ги убеди руските поранешни советски сојузници дека Русија не предвидува обнова на Советскиот Сојуз. Тој му рече на азербејџанскиот претседател дека шпекулациите оти Русија ќе се обиде да го обнови своето „царство“ се апсолутно неточни.
Извор: МИА