Николина Андова добитничка на наградата „Мостови на Струга“

Од:

Младата македонска поетеса Николина Андова е добитничка на годинашната награда „Мостови на Струга“ за најдобра дебитантска поетска книга во светот, што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата (СВП) и УНЕСКО.

Како што истакна претседателот на Управниот одбор на СВП Славе Ѓорго Димоски на денешната прес-конференција, Андова наградата ја добива за дебитантската книга „Влезот е од другата страна“, а Одлуката на УО на СВП  за доделување едногласно е донесена на состанокот на 15 јули годинава во Струга.

– Наградата „Мостови на Струга“ е воспоставена во 2004 година и во овие десет години си направи свое место така што стана една од најактуелните нагрди за млади поети која се доделува  за дебитантска книга во светот. Наградата ја доделуваат СВП и УНЕСКО за најдобра дебитантска поетска книга во светот со цел да се промовираат поетските трендови на новите поетски генерации, рече Ѓорго Димовски.

Тој посочи дека книгата „Влезот е од другата страна“ импонира со своевиден занимлив поетски исказ кој вниманието на читателот го привлекува  со својата необичност и провокативност, проткаени со префинета иронија и пародија, присутна речиси во сите песни без исклучок.

– Таа го актуелизира поетскиот субјект, го открива неговиот темперамент и сензибилитет, доведувајќи го поетскиот јазик во полна кондиција на нови откривања, значења и вредности. Во оваа книга ќе наидеме на многу интересни одговори, актуелни кои се однесуваат на сите нас, но љубопитниот читател во предвид треба да ги има сите лексички слоеви, преливи и нијанси, кои прецизно компонирани, тематски и поетички ја градат оваа целина со која Николина Андова влегува во сериозните кругови на македонската поезија, рече Ѓорго Димоски.

Добитничката Андова рече дека и е мило што е првиот поет од Македонија што ја добива наградата.

– Многу ми значи наградата зашто е за мојата прва книжевна објава која излезе пред само неколку месеци. Предходно ја немам многу експонирано мојата поезија и се надевам дека сега ќе стигне до поголема публика. Верувам дека пишуваме поради радоста на создавањето, но пред се поради радоста на споделувањето, рече Андова.

Директорот на СВП Мите Стефоски посочи дека од денеска е достапна и новата веб-страница на фестивалот www.svp.org.mk  на која може да се најдат сите податоци поврзани со фестивалот и со светската поезија, зошто, како што рече, се она што било значајно во светската поезија во втората половина на 20.век и на почетокот на 21. век на некој начин било претставено на СВП.

– СВП во минатото имаше неколку веб-страници, но тие не беа вистинско огледало  за големината на фестивалот, за значењето, ниту, пак, беа алатка која нема да биде само лична карта на фестивалот, туку ќе биде и дигитална поетска архива во која секој што сака ќе може да ги најде сите податоци поврзани со фестивалот и со светската поезија како што е сега. Целокупното архивско богатство од сите 5.000 поети кои поминале низ СВП сите автографи, аудиовизуелни материјали и поетски колекции, книги и изданија на СВП и за СВП, изданијата од излагањата на Симпозиумот и редица други  кои се поврзани со СВП ќе се обидеме да ги ставиме во дигитална форма на нашата веб-страница која нема да  биде обична. Ќе биде најголемата дигитална поетска архива и најголемата сеопшта антологија на светската поезија, рече Стефоски.

Тој посочи дека веб-страницата се уште е во изработка и оти ќе се надградува и во наредните две години.

Новата веб-страница како почетна точка го зема поетот од кого тргнува целата навигација, а покрај тоа е и детален водич низ програмата на фестивалот. Поврзана  е со социјалните мрежи и има паметен пребарувач сличен на фејсбук. Главната база на податоци е поетската колекција која води до сите други информации.

Годинашното издание на СВП ќе почна на 22 август, а до 10 август ќе биде објавен и добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ што се доделува за најдобра поетска книга напишана на македонски јазик. Досега е потврдено учеството на 50-тина еминентни поети од странство. 

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска