МФ: „Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава

Од:

Агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава, ББ- со стабилен изглед. Стабилниот изглед, ги рефлектира очекувањата дека силните изгледи за економски раст на нашата држава ќе ги поддржат напорите на Владата за буџетска консолидација и ќе овозможат стабилизирање на државниот долг на среден рок. Кредитниот рејтинг ББ- со стабилен изглед РС Македонија го има од 2013 година во континуитет и е значајно дека и во текот на 2020 и 2021 година, кога земјата се соочуваше со влијанието од здравствено-економската криза предизвикана од пандемијата од Ковид 19, не е променет, информира Министерството за финансии.

Агенцијата нотира дека рејтингот може да се зголеми доколку продолжат напорите за структурни реформи, зајакнување на институционалните капацитети при истовремена консолидација на одржливите фискални политики.

Целта за пристапување на нашата држава кон ЕУ може да придонесе за зајакнување на институционалната рамка, а новите влади на Република Северна Македонија и Република Бугарија внесоа позитивна динамика во преговорите за пристапување кон ЕУ, се истакнува во извештајот.

Според „Стандард и Пурс“ економијата на РС Македонија го достигна своето предпандемиско ниво. Двигатели на растот ќе останат силната приватна потрошувачка поддржана од приспособливата монетарна политика, растот на платите и приливот од дијаспората, како и инвестициите, соопштува Министерството за финансии.

Со Планот за забрзан економски раст, зголемувањето на инвестициите е еден од клучните приоритети на Владата, а ќе се опфатат различни сектори, вклучително образование, транспорт, енергија, патна и здравствена инфраструктура. Значајни проекти се Коридорот VIII и Интерконекторниот гасовод Северна Македонија-Грција, се вели во извештајот.

Како што е наведено, и покрај контракцијата предизвикана од пандемијата извозот силно закрепна благодарение на големата надворешна побарувачка, особено од клучните трговски партнери во ЕУ.

Од Агенцијата посочуваат дека постепеното економско закрепнување и мерките на Владата помогнаа стапката на невработеност да се намали на 15,7 отсто во третиот квартал 2021 година од 16,5 проценти во истиот период претходната година.

Во однос на долгот, „Стандард и Пурс“ очекува истиот да се стабилизира на 56-57 проценти од БДП на среден рок. Буџетскиот дефицит се проценува дека изнесува 5,5% од БДП во 2021 година, што е понизок од проектираниот од 6,5 отсто во Буџетот за 2021 година. Ова се должи на повисокиот номинален раст на БДП, како и солидните перформанси на приходите.

Кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во неа, и е еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки, се наведува во соопштението на Министерството за финансии.

Би можело да ве интересира

Бесими: Нема замрзнување на платите, работиме на системско и одржливо решение за раст на платите во јавниот сектор

Горан Наумовски

Бесими: Целосна интеграција во ЕУ значи реформи, решавање предизвици и долгорочна стабилност во регионот

Горан Наумовски

Бесими: Нема експропријација на дивоградби, законски измени заради забрзана динамика и пониски трошоци за реализација на проектите

Ана Ололовска

МФ: Интересот за еврообврзницата поголем за половина милијарда евра од претходната аукција

Ана Ололовска

ССМ најави кривична пријава против министерот за финансии Фатмир Бесими

Ана Ололовска

Најава за генерален штрајк од Синдикат на вработените во Министерството за финансии

Ана Ололовска