Арафат Муареми стана в.д. директор на Управата за финансиска полиција, дознава „А1он“. Бидејќи му истече директорскиот мандат, Владата донела одлука со која го назначила за вршител на должност. Тој останува на оваа позиција до именување на нов директор. Муареми првпат директорската фотелја ја доби во 2017 година.
Во јавноста е познат по неколку случаи кои во негов мандат ги отвори и водеше оваа институција. Дел од нив се претресите и апсењето на актуелниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски поради злоупотреби со тендери во 2018 година, но и истрагата против разрешената директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова.
Од работата на институцијата со која раководи Муареми, не е задоволна шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал, Вилма Русковска. Таа пред две години имаше посочено дека случаите кои ги работи Финансиската полиција биле малку, не биле организиран криминал, ниту против актуелни функционери, иако оваа институција е органот кој треба да гони корупција. Ова е и единствената критика за него која е јавно објавена.
Состојбата минатата година беше малку поинаква. Се обзнани дека Муареми има случај кој заврши со истрага во Обвинителството за организиран криминал, против Лидија Димова и уште три лица. Финансиска полиција лани поднесе 9 кривични пријави за финансиски криминал, пет ги води Обвинителството за организиран криминал, четири се во скопското обвинителство.
Последен случај кој го водеше финансиската полиција, а е познат во јавност, исто така не беше поврзан со актуелни функционери. Станува збор за сомнителната продажба на ниви на „ЕВН Електрани“ од луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ, кои ги купиле по помала вредност од физички лица, а ги продале по поголема.