Издавачката куќа Антолог од Скопје соопшти дека во рамките на проектот Храбри нови зборови, прекрасни нови светови / Europe is BRAVE NEW WOR(L)DS е објавена книгата „Збогум, сеништа“ од италијанската авторка Надја Теранова.
Ида има триесет и нешто години, живее со својот сопруг во Рим и работи за радиостаница. Тукушто пристигнува во Месина, својот роден град. Мајка ѝ планира да го реновира семејниот дом и да го продаде, па ја вика ќерка си да ѝ помогне при расчистувањето, да провери што сака да задржи.
Опкружена со предметите од минатото, Ида е принудена да се соочи со траумата што ја има обележано. Дваесет и три години претходно исчезнал татко ѝ: едно утро просто си заминал и никогаш веќе не се вратил. Од неговото отсуство произлегува свирепиот молк кон мајката, идентитетот заснован врз неправилност, па дури и односот со сопругот, истовремено спас и бродолом. Отсликувајќи се во недостигот, Ида станува жена под силно влијание на стравот и на сомнежот кон секаков вид желба. Но сега, кога семејниот дом ја опседнува со своите сеништа, мора да најде начин да го прекине маѓепсаниот круг и да се ослободи од татко си.
Книгата раскажува за опседнатоста со загубата, таа борба гради в гради што сите мора да најдеме начин да ја преживееме. Поетичен и интимен роман за изградбата на сопствениот идентитет, кој е добитник на повеќе награди, а „Кориере дела сера“ го вброи во десетте најдобри романи за 2018 година.
Надја Теранова (1978) е италијанска писателка и преведувачка. Дипломирала филозофија. Пишува и за деца и за возрасни. Дебитира во 2012 година со роман за деца инспириран од животот на Бруно Шулц. Во 2015 година ѝ излегува првиот роман за возрасни. Соработува со голем број весници и списанија. Од 2021 година има своја рубрика во списанието „Венити фер“, во која пишува за современите жени.
Во изданието на „Збогум, сеништа“ на македонски јазик преводот од италијански е дело на Калина Јанева, а графичкото уредување е на Марко Трпески. Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија и на Министерството за култура на Република Северна Македонија.