Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард денеска по повод 20-годишнината на еврото изјави дека валутата е дел од заедничкиот идентитет на Европејците и дека најавеното дигитално евро нема да биде замена за евро банкнотите, туку дополнување.
Пленарната седница на Европскиот парламент во Стразбур почна со дебата за 20-годишнината од воведувањето на еврото и иднината на валутата. На првиот ден од 2002 година, националните валути беа заменети со еврото во 12 земји на ЕУ, а денес валутата ја користат повеќе од 340 милиони граѓани на ЕУ во 19 земји.
– Заедничката валута не е само користење на исти средства за плаќање, таа е дел од заеднички потфат и идентитет, Европејците го препознаа тоа. Еврото го поедностави животот на многу Европејци, оние кои студираат, патуваат, имаат бизнис, истакна Лагард.
ЕЦБ минатата година потврди дека започнува проект за дигитално евро.
Дигиталното евро ќе биде електронски пари издадени од ЕЦБ и националните централни банки и би било достапно за сите граѓани и бизниси.
– Дигиталното евро нема да ја замени готовината, туку ќе биде дополнување на готовината, рече Лагард.
Извор: МИА