Драмскиот дел од програмата на „Охридско лето 2013“ продолжува со вечерашниот настап на Народниот театар од Битола, кој пред охридската публика ќе ја изведе претставата „Тартиф“ од Молиер, во режија на Сашо Миленковски.
Селекторот на драмската програма на „Охридско лето“ Ѓорѓи Јолевски на денешната прес-конференција истакна дека Народниот театар од Битола ќе настапи со една од најинтересните теми на Брехт, со свежата поставка на драмскиот класик „Тартиф“, премерно претставена оваа сезона.
Директорот на Битолскиот театар Валентин Светозарев најавувајќи ја претставата рече дека е вистинско задоволство за гледачите, во што самите вечерва ќе можат да се уверат.
– Претставата иако третира сериозни проблеми, има една доза на ведрина која можеби е потребна во овие жешки летни денови. Одличната актерска екипа се надевам дека пријатно ќе изненадат со својата врвна театарска естетика, рече Светозарев.
Тој додаде дека во претставата се ангажирани сите млади актери кои од оваа година влегоа во професионалниот театарски живот како засилување во Народниот театар од Битола.
Режисерот на поставката на „Тартиф“ Сашо Миленковски за својот авторски печат на претставата рече дека при подготвувањето идејата потекнала од намерата да се третираат, вреднуваат новите помодарски религии што се актуелизираат последно време.
– Почнавме да набљудуваме луѓе кои се обидуваат да говорат во име на Бога, да лечат, да прават чуда, и луѓето кои наивно трошат пари за да се излекуваат итн. Тргнувајќи од таа идеја, по патот увидовме дека темата на лицемерие и наивност може да се прошири и во други сегменти во животот, секаде каде може да се увиди односот меѓу лагата и вистината, рече Миленковски.
Самото дејствие во драмата говори за семејство во кое влегува еден лицемер што одвнатре ги разбива семејните односи.