Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) денеска во Јапонија почна да го следи контроверзниот проект за испуштање на прочистена вода од нуклеарната централа Фукушима во океанот, започнат откако земјотрес и цунами во 2011 година ја погодија земјата.
Повеќе од милион тони вода од дождовница, подземна вода и вода за ладење за уредите на реакторот се акумулирани во резервоарите околу електраната, додека просторот за складирање е речиси полн.
Голем систем за пумпање и филтрирање го отстранува најголемиот дел од радиоактивниот материјал од оваа вода. Јапонските власти соопштија дека плановите за разредување и испуштање на водата не претставуваат опасност.
МААЕ го поддржа решението, за кое вели дека е слично на отстранувањето на отпадните води од нуклеарните централи на други места во светот.
Проектот, кој Токио го усвои минатиот април и треба да започне во март 2023 година, наиде на остри критики од соседните земји, вклучително и Кина и Јужна Кореја, загрижени за можните еколошки и здравствени последици.
Тепко, операторот на оштетената нуклеарна централа и јапонската влада се надеваат дека надзорот од МААЕ ќе ја зголеми довербата.
Тимот на МААЕ, чија мисија трае пет дена, ќе ја посети локацијата и ќе одржи прес-конференција в петок.
Извор: МИА