Републиканската турска партија (ЦТП) победи на вчерашните парламентарни избори во Северен Кипар, но не успеа да освои најмалку 26 од вкупно 50 места во новиот парламент, за да може самостојно да формира влада, јави АНА-МПА.
Според резултати од над 90 отсто од преброените гласачки ливчиња, социјалдемократската ЦРП освоила 38 отсто од гласовите, конзервативната Партија на националното единство (УБП) – 27 отсто, либералната Демократска партија (ДП) – 23 отсто, социјалдемократската Партија за социјална демократија (ТДП) – седум отсто, а социјалистичката Партија за обединет Кипар (БКП) – три отсто.
Соодветно на резултатите ЦТП освои 23 места во новиот Парламент, УБП – 14, ДП – 12 и ТДП – еден пратеник.
Изборите во Северен Кипар беа закажани откако на почетокот на јуни владата на премиерот Ирсен Ќучук беше соборена од изгласување недоверба во Парламентот.
Лидерот на ЦТП, Озкан Јорганчиоглу изјави дека ќе ги штити интересите на кипарските Турци и додаде дека гласањето покажало оти луѓето не ја поддржуваат УБП на досегашниот премиер Ќучук.