Европската унија денеска одбележува 18 месеци од изборите во Белорусија, чии резултати не ги признава.
Изборите во август 2020 кои му донесоа нова победа на претседателот Александр Лукашенко не се признаени од ЕУ и од повеќето нејзини сојузници и партнери во западната заедница. Осумнаесет месеци подоцна Европската унија ја користи приликата повторно да повика да бидат ослободени сите уапсени демонстранти и политички опозиционери.
-Година и половина подоцна режимот на Лукашенко во Белорусија продолжува со масовни нарушувања на човековите права и брутална репресија против сите сегменти на белоруското општество, објавија денеска од прес службата на шефот на ЕУ дипломатијата, Јосеп Борел.
Според ЕУ моментално во Белорусија има 1040 политички затвореници, од кои 33 лица се медиумски работници.
-Нови политички мотивирани казни се пријавени секој ден. Многу од затвореници се предмет на злоставување и лош третман, изречени им се долги затворски казни во политички судења кои се водеа зад затворени врати. Европската Унија продолжува да повикува да бидат ослободени веднаш и безусловно, стои во соопштението на дипломатската служба на ЕУ.
Унијата исто така нагласува дека стотици новинари биле приморани да ја напуштат Белорусија поради прогон од страна на властите и дека независното новинарство во земјата е незаконско. ЕУ ги поздравува “храбрите независни белоруски новинари“ кои ја водат “битката за вистината, демократијата и темелните права“ и ветува поддршка за независното новинарство во Белорусија.
Извор: МИА