Европската перспектива на Западен Балкан е апсолутно неопходна за да обезбедиме стабилност и просперитет во нашиот поширок регион, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на средбата со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, кој од своја страна истакна дека на регионот му се неопходни грчката помош и поддршка, јави дописничката на МИА од Атина.
-Грција ќе продолжи да се бори, да ја поддржува европската перспектива на земјите од Западен Балкан, очигледно под услов дека ги исполнуваат сите неопходни критериуми, истовремено признавајќи дека оваа перспектива, европскиот пат на Западен Балкан е апсолутно неопходен за да обезбедиме стабилност и просперитет во нашиот поширок регион, рече Мицотакис.
Ѓукановиќ, се согласи со ставот на грчкиот премиер и истакна дека Црна Гора е апсолутно уверена дека единствениот начин за да се воспостави стабилност и развој на Западен Балкан е преку европската и евроатлантската интеграција.
-На Западен Балкан навистина ни е потребна помош и поддршка од Грција, пред сè во разговорите со партнерите од ЕУ и НАТО за да се надмине недостатокот на интензитет во политиката за проширување на ЕУ и да бидеме поефективни во заштитата на нашиот регион од малигното влијание на трети страни. Се потпираме на пријателството со Грција и се потпираме на вашето добро познавање на состојбите во регионот, а во исто време и на вашето влијание во ЕУ за на правилен начин да се разберат придобивките од европската иднина на нашиот регион, за нашиот регион, но и за Европа во целина, порача црногорскиот претседател.
За време на средбата, Ѓукановиќ го поканил Мицотакис да ја посети Црна Гора, а грчкиот премиер ја прифатил поканата.
Извор: МИА