Северна Кореја продолжи да ја развива својата нуклеарна и балистичка ракетна програма, како и да ја унапредува способноста да произведува делови за нуклеарни уреди со што ги прекршува резолуциите на Советот за безбедност на ОН, посочија експерти на ОН во новиот извештај.
Во јануари, Северна Кореја го забрза тестирањето и демонстрацијата на нови ракети со краток и веројатно среден дострел, кои користат и балистичка и технологија за наведување, како и течни и цврсти горива, пренесува Бета.
Во резимето на извештајот, експертите наведуваат дека е можно да е тестирана „хиперсонична боева глава за наведување и маневрирачко возило за повторно влегување“.
Северна Кореја, исто така, покажа зголемени способности за брзо распоредување, широка копнена и поморска мобилност и за подобрување на отпорноста на своите ракетни сили.
Пјонгјанг користи кибер напади врз средства на криптовалути за да ги финансира своите програми и продолжува да бара материјали и технологија во странство за своето оружје.
Северна Кореја лансираше различни системи за оружје во последниве месеци и се закани дека ќе го укине четиригодишниот мораториум за посериозни тестирања на оружје, како што се нуклеарни експлозии.
Во јануари беа евидентирани рекордни девет лансирања на проектили и тестирања на хиперсонична ракета што ја развива и ракети за лансирање од подморници.
ОН првично воведоа санкции кон Северна Кореја по нејзината прва нуклеарна проба експлозија во 2006 година и потоа ги заостри како одговор на нејзините понатамошни тестирања и сè пософистицираните нуклеарни и балистички програми.
Извор: МИА