Полското Министерство за одбрана денеска соопшти дека пристигнала американската воена опрема, со цел да се зајакне источниот блок на НАТО.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден на 2 февруари најави распоредување на речиси 3.000 американски војници во Источна Европа во следните денови.
Полскиот министер за одбрана Марјуш Блашчак и Пентагон пред два дена соопштија дека околу 1.700 војници од 82. Воздушно-десантна девизија привремено ќе бидат стационирани во Полска.
Предвидено е околу 300 војници да бидат распоредени во Германија, каде се очекува да биде формиран заеднички штаб.
Блашчак синоќа на Твитер објави фотографија на која се гледа како американските војници истовараат опрема од еден транспортен авион Ц-130 Херкулес и напиша „Ова е јасен сигнал на сојузничката солидарност“.
Приватната ТВН24 денеска емитуваше снимка од истоварувањето на два авиони на аеродромот Жешов-Јасионка, јужна Полска. Телевизијата наведе дека досега слетале шест американски авиони.
Сè уште е непознато кога ќе пристигнат американските војници и каде ќе бидат стационирани. Во Полска има околу 4.500 американски војници, кои главно се стационирани во западниот дел на земјата.
Извор: МИА