Над 50 отсто од земјите членки на Обединетите нации ја поддржуваат грчката кандидатура за позицијата непостојан член на Советот за безбедност на ОН во 2025-26 година, со обезбедени 97 писмени заложби, соопшти министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас, јави дописничката на МИА од Атина.
Дендиас рече дека ова претставува „важен успех на грчката надворешна политика и е опиплив резултат на политиката што ја води Владата на Мицотакис“ и додаде дека кандидатурата на Грција е под пораката „80 години од Повелбата на ОН: нејзините фундаментални принципи се поактуелни од било кога досега“.
Истакна дека речиси осум децении подоцна, основните принципи за кои се залагаат Обединетите нации континуирано се оспоруваат.
-Нашата цел е да ги промовираме овие принципи, што се и основните вредности на грчката надворешна политика. Почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на сите држави. Целосно почитување на принципите на меѓународното право, вклучително и меѓународното право на морето. Забрана за употреба на сила или дури и закана за употреба на сила. Мирно решавање на споровите врз основа на меѓународното право и, исто така, каде што е потребно, со обраќање до Меѓународниот суд на правдата во Хаг, рече шефот на грчката дипломатија.
Откри дека Грција ќе започне отворена кампања за кандидатурата, не само за да го собере потребното мнозинство, „туку и за да има што е можно поголем консензус за грчкото присуство во Советот за безбедност на ОН“.
Рече дека ќе биде презентиран конкретен симбол на кандидатурата, ќе се назначи специјален претставник за да ја промовира грчката порака во сите земји- членки на ОН, ќе биде организиран специјален настан во Њујорк како дел од министерската недела на Генералното собрание во септември 2022 година, а тој лично, како што потенцираше, ќе продолжи со неговите посети на земји кои сè уште не се обврзале да ја поддржат грчката кандидатура
-Се наоѓаме на многу добар пат. Секојдневно докажуваме дека Грција има и глас и улога во меѓународните теми. Секогаш во име на конкретни принципи кои им служат на нашите национални интереси, но и на универзалните вредности, истакна шефот на грчката дипломатија.
Дендиас објасни дека изборите за непостојан член на Советот за безбедност на ОН ќе се одржат во септември 2024 година, а во моментов за двете позиции во географската група во која припаѓа Грција, постојат две кандидатури, грчката и на Данска, но потенцираше дека тоа не значи дека треба да се исклучи можноста за поднесување и друга кандидатура.
Извор: МИА