Српскиот член на Претседателството на БиХ Милорад Додик изјави дека не е прифатлива најавата на британската Амбасада во БиХ дека Велика Британија би можела да го зголеми своето воено присуство во земјата и нагласи дека таквата најава сигурно нема да добие поддршка од Претседателството на БиХ.
– Верувам дека постоечкиот контингент војници во мисијата Алтеа е сосема доволен и оти БиХ нема предизвици за кои би биле потребни дополнителни сили, ја пренесуваат неговата изјава медиумите во Бања Лука.
Според него, ниту еден од легитимните претставници на мировната мисија во БиХ не зборувал за потребата од нејзино проширување или за загрозена безбедност во БиХ, поради што не гледа причина за зголемено британско воено присуство во земјата.
– Затоа е легитимно, но и логично да се сомневаме во намерите на Британците, кои излегоа со оваа иницијатива во изборна година, рече Додик.
Локалните медиуми вчера јавија дека британската Влада разгледува начини за повторно зајакнување на воениот ангажман во БиХ.
– Иако немаме планови да го зголемиме нашето присуство во мировната операција, ние бараме начини да го зајакнеме нашиот воен ангажман во БиХ, вклучително и билатерално и преку седиштето на НАТО во Сараево, соопшти британската Амбасада во Сараево.
Според бањалучкиот весник „Независне новине“, од тој одговор може да се заклучи дека војниците на земјата нема да се вратат во ЕУФОР, од каде што заминаа кога стапи во сила договорот за односите со ЕУ по британското повлекување од Унијата, туку дека нивниот воен ангажман би можел да се реализира преку НАТО или со договор меѓу Велика Британија и БиХ.
Извор: МИА