Египетското министерство за здравство денеска соопшти дека во судирите меѓу силите за безбедност и приврзаниците на соборениот претседател Мохамед Морси загинале најмалку 21 лице, а повредени се над 180 луѓе.
Истовремено, египетската армија денеска соопшти дека започнува голема операција „Пустинска бура“ против вооружените екстремисти на Синај.
Според локалните медиуми меѓужртвите има еден полицаец, a меѓу припадниците на силите за безбедност има голем број повредени.
Исламистичкото движење Муслимански браќа на својата Интернет страница објави дека се убиени 200, а повредени околу 4.000 луѓе.
Според тврдења на очевидци пред мобилна болница во Каиро се наоѓале најмалку 37 лешеви, а според лекарите од болницата сите биле убиени од боева муниција во судирите.
Според полицијата за растерување на демонстрантите кои извршиле напад врз полицискиот кордон е употребен само солзавец, додека исламистите фрлале „молотови коктели“ и користеле оружје.
Египетскиот полициски генерал и портпарол ги обвини Муслиманските браќа за убиствата во судирите во Каиро. Генерал Хани Абдел Латиф истакна дека полицијата во судирите користела исклучително солзавец, а не и боева муниција.
Египетскиот генерал Али Азил изјави за радио Би-Би-Си дека судирите се предизвикани од „агресивни акции на активисти на движењето Исламистички браќа“.
– Екстремисти на Муслиманското братство ги нападнаа воените пунктови на кои се обезбедува пристапот до оружје во близина на џамијата Раба ал Адавија, изјави египетскиот генерал, нагласувајќи дека тројца офицери се убиени и дека армијата била принудена да одговори на нападите.
Египетската армија денеска започна голема операција „Пустинска бура“ против вооружените екстремисти на Синај, која се очекува да трае 48 часа, јавија египетските медиуми.
Операцијата е започната во Северен Синај, објави весникот „Ахрам“, повикувајќи се на неименувани армиски извори.
Целта на операцијата е да се блокираат базите на екстремистите во пустината и планинските делови и да се спречат терористичките акции во областа. Во операцијата учествуваат и воздухопловните сили и морнарциата.
Безбедносните сили оценуваат дека во областа се наоѓаат околу 500 вооружени екстремисти.