Во ноември минатата година во ЕУ, Норвешка, Швајцарија и Обединетото Кралство биле поднесени околу 71.400 барања за меѓународна заштита, покажуваат податоците на Агенцијата за азил на Европската унија (EUAA), што денеска беа објавени.
Политико денеска пишува дека ова е втор најголем број на барања, на месечно ниво, од 2016 година.
Анализата покажува дека барањата се зголемени за девет отсто во однос на октомври 2021 година, при што многу земји добиле најмногу апликации од 2016 година. Само во септември 2021 година, во ЕУ беа примени зголемен број барања за азил, а поголем дел од нив беа поврзани со евакуацијата од Кабул.
Во ноември, Авганистанците поднеле најмногу барања, околу 13.000. Сиријците поднеле најмногу барања по 2016 година или околу 11.500. Државјани на Ирак, Венецуела, Пакистан и Колумбија се меѓу другите земји на потекло кои побарале азил во Европа.
Според податоците на Агенцијата за азил, и натаму е висок бројот на малолетници кои пристигнуваат без родители. Околу 3.200 баратели на азил во ноември изјавија дека се малолетници без придружба. Месечните барања на малолетници без придружба се двојно зголемени во споредба со податоците кои беа стабилни до мај 2021 година, а половината од сите барања се поднесени од Авганистанци.
На крајот на ноември 2021 година повеќе од 431.000 случаи на баратели на азил сè уште беа во постапка на одлучување.
Извор: МИА