Шведската Влада денеска ја одобри изградбата на подземно складиште за радиоактивен отпад, за кое тврди дека ќе биде безбедно во следните 100.000 години.
Складирањето на нуклеарниот отпад е глобален проблем од отворањето на првите нуклеарни централи во 1950-тите и 1960-тите.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) проценува дека ширум светот привремено се складирани околу 370.000 тони радиоактивен отпад.
-Нашата генерација мора да преземе одговорност за нуклеарниот отпад. Ова е резултат на 40-годишно истражување и ќе биде сигурно следните 100.000 години, изјави шведската министерка за животна средина, Аника Страндхал.
„Тоа е конечното решение за складиште за потрошено нуклеарно гориво. Ова ќе обезбеди користење на постоечката нуклеарна енергија како дел од транзицијата кон првата развиена нација независна од фосилни горива“, додаде таа.
Од почетокот на работата во 1070-тите години шведските нуклеарни централи досега произвеле околу 8.000 тони радиоактивен отпад.
Сега се планира тој отпад да се закопа 500 метри во близина на нуклеарната централа Форсмарк.
Шведската одлука доаѓа во време на обновен интерес за нуклеарната енергија, која многу земји ја сметаат за клучна за напуштање на фосилните горива и за електрификација на општествата.
Европската унија планира да класифицира некои нови нуклеарни централи како „зелени“.
Британските медиуми пренесуваат дека Швеѓаните во 1980 година гласаа против нуклеарната енергија, но дека нивниот став се менува.
Главните шведски партии во 2016 година постигнаа договор за нуклеарна енергија, со кој се договорија шест постоечки реактори да продолжат да работат и дека уште десет ќе бидат изградени на истите локации.
Извор: МИА