Ансамблот на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес деновиве засилено подготвува претстава чија премиера ќе биде изведена на македонскиот културен фестивал на 2 август во Мала Преспа, Република Албанија.
Станува збор за претставата „Револуционери“ по текст на Едмонд Сотир во режија на Никола Ристов. Авторот на текстот, глумецот на велешкиот театар Едмон Сотир по потекло од Мала Преспа за МИА појаснува дека претставата зборува за вистински настан меѓу двете светски војни некаде во периодот од 30-те до 40-тите години на 20 век во Мала Преспа, кога двете спротивставени војски – Грција и Италија, собираат војска од месното македонско население, кое го принудуваат да се бори на нивна страна, а на своја штета најчесто и брат против брат.
– Во најстрашната битка на Иван Планина, во реонот на Мала Преспа гине многу војска, најмногу од македонско население, а гробовите и бројот на загинати не се знае до ден денес. Историјата ја знам од раскажувањата на моите претци и жителите од Мала Преспа, а историски податоци црпев од книгите. Намерата ми беше не да ги раскажам историските случувања туку да раскажам за многу комични ситуации од тоа време, потенцира Едмонд Сотир.
Режисерот на претставата Никола Ристов вели претставата е комбинација на историски факти и вистиски и измислени случувања којшто се случувале во тоа време.
– Целта е да им ја приближиме историјата на луѓето, на поедноставен, поприфатлив и повесел начин да им ги приближи настаните од тоа време. Настаните во тие години во Мала Преспа како и во цела Македонија биле многу трагични и на штета на Македонците кои најмногу гинела во тие битки на поробувачите, вели Ристов.
Во преставата настапуваат авторот на текстот и актер Едмонд Сотир, Јордан Витанов, Владимир Тулиев, Кире Гравчев, Зорица Панчиќ и Слободанка Чичевска.