Израелската воена администрација го одобри проектот за изградба на 473 километри долга железничка мрежа на Западниот Брег на реката Јордан, соопшти претставник од Министерството за одбрана на Израел.
Според истио извор, Палестинската автономна управа одбила да соработува во реализацијата на проектот.
Планот ќе биде презентиран во јавноста за да може во рок од 60 дена да се одржи јавна расправа.
Весникот „Аарец“ пишува дека со проектот е предвидена изградба на 30 железнички станици, десетина мостови и тунели и 11 пруги, кои ќе ги поврзуваат главните населени места на Западниот Брег и големите израелски доселенички населби, како што е Маале Адумим во близина на Ерусалим, Ариел во северниот дел на Западниот Брег и Кират Арба во јужниот дел.
Во својот коментар, израелскиот весник изразува жалење што железничката мрежа ќе биде изградена „на арапска територија за потребите на Евреите“. „Аарец“ нагласува дека проектот започнува без да биде постигната согласност за иднината на Западниот Брег, за Источен Ерусалим и за создавање на палестинска држава.
Израелскиот министер за транспорт Исраел Кац претходно изјави дека создавањето на палестинска држава на Западниот Брег и во Источен Ерусалим е „неприфатливо, најмногу поради еврејските права врз таа земја“.