Независниот синдикат на полицијата бара од новиот премиер на Република Северна Македонија во наредниот период да ги сублимира сите нивни барања и да ги инкорпорира во програмата на Владата.
– Независниот синдикат на полицијата на идниот премиер му порачува многу внимателно да ги разгледа сите пресови, сите барања, писмени, усмени, телефонски, медиумски итн. кои биле доставени од страна на Независниот синдикат на полицијата, да ги укомпонира во неговата работа за да може што поскоро да дојдеме до прагот на линијата со која може да кажеме дека ете приближуваме кон функционирањето на државата и приближување кон стандардите према ЕУ, изјави денеска Гоце Делчев од Независниот синдикат на полицијата.
Во спротивно, според него, ќе се случи само продлабочување на проблемите со кои, како што рече, полициските службеници во рамки на МВР се соочувале и се соочуваат.
Делчев најави дека од Независниот синдикат на полицијата ќе продолжат да доставуваат одредени писмени барања и до Уставниот суд за преиспитување на многу прашања што во моментов функционираат во МВР.
Гоце Делчев наведе дека не смее да се случи промена на колективниот договор во рамки на МВР, како што тоа било направено во декември 2021 година, без никакви претходно консултации, договори и комуникации со други вработени и со останати синдикати во рамки на МВР.
Според него, во тој колективен договор под синдикат се подразбира Македонски полициски синдикат, затоа што, изјави Делчев, во рамки на Централниот регистар и во МТСПП не е регистриран само Македонскиот полициски синдикат, и не е само тој репрезентативен синдикат. Тврди дека Независниот синдикат од 2018 година е репрезентативен синдикат.
– Не може да се случи да некој што не е вработен во полицијата како што тоа во моментов во Центарот за обука имаме кандидати за полициски службеници 600 да бидат зачленети во друг синдикат и кога ќе почнат со работа после година дена да им се активираат пристапниците и тие да бидат членови на тој синдикат, рече Дечев.