Американскиот претседател Барак Обама на неопределено време ја одложи испораката на четири ловци Ф-16 на Египет заради сегашната сутуација во земјата, соопшти Министерството за одбрана на САД.
-Имајќи ја предвид актуелната ситуација во Египет, не сметаме дека е разумно да ги извршиме испораките на Ф-16, рече портпаролот на Пентагон, Џорџ Литл, дополнувајќи дека одлуката е донесена едногласно од целата екипа за национална безбедност на претседателот Обама.
Литл прецизира дека одложувањето се однесува само за ловците, а поширокото прашање за евентуално преразгледување на годишната воена помош од 1,3 милијарда долари за Египет заради отстранувањето на претседателот исламист од страна на војската, се уште не е одлучено.
САД, меѓутоа, планираат да ја оддржат годишната американско-египетска воена вежба „Брајт стар“ (Силна ѕвезда), забележа портпаролот на Пентагон.