Освен првиот регистриран случај на западно-нилска треска кај 57-годишна жена, во Македонија засега не е потврден нов случај. Од Министерството за здравство препорачуваат граѓаните да ги применуваат превентивните мерки, односно да користат креми против комарци, да ставаат заштитни мрежи на прозорците и вратите и да не дозволат создавање на поголеми површини со вода во дворовите.
Јованка Костовска, раководител на Секторот за превентивна здравствена заштита, истакнува дека не треба да се крева паника бидејќи кај 80 проценти од заболените болеста поминува без симптоми. Кај 20 проценти заразени од овој вирус се јавуваат симптоми слични на грипот со покачена температура, треска и омалаксаност, а само кај еден процент настануваат компликации.
– Не секој каснат треба да се плаши дека ќе заболи од западно-нилска треска, но треба да се преземат сите превентивни мерки за да се намали бројот на комарци од кои граѓаните може да бидат каснати, потенцира Костовска на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарски прашања.
Според неа, не значи дека само оние граѓани што патуваат надвор од државата може да заболат од оваа болест.
– Минатата година од шесте случаи што ги имавме, само еден беше случај кој патувал надвор од државата. Сите останати болеста ја добија во Македонија бидејќи го имаме вирусот и комарецот така што не треба да се оди надвор на одмор или патување за да се заболи од западно-нилска треска, вели Костовска.
Досега над 60 проценти од општините веќе извршиле дезинсекција, а во останатите општините е во тек. За време на викендот Владата со свои средства и во соработка со Министерството за здравство ќе изврши аеродезинсекција во туристичките места Ресен, Охрид, Дојран, Берово и Крушево, како и во општината Чешиново-Облешево заради оризот.
Министерството за здравство вчера објави дека во Македонија е регистриран прв случај на западно-нилска треска, кој е потврден и лабараториски. Пациентката не патувала надвор од државата и е во добра општа здравствена состојба.