Македонската филхармонија на публиката и најавува блескава и атрактивна сезона полна со музички ѕвезди и концерти за сечиј вкус.
Како што соопштуваат, почетокот на концертите по летната пауза е закажан за 26 септември кога на концерт под диригентската палка на Саша Николовски-Ѓумар ќе биде изведено грандиозното дело на Игор Стравински „Посветување на пролетта“ одбележувајќи 100 години од неговото создавање, а како солист ќе настапи еден од најдобрите светски пијанисти на денешницата Алексеј Володин, кој по неговите настапи со Валериј Гергиев во Шведска и Холандија ќе допатува во Скопје за изведба на прекрасниот концерт за пијано и оркестар од Александар Скрјабин.
– Со надеж дека ќе ги задоволиме и вкусовите на оние најпребирливите, на програмата свое место најдоа повеќе премиерни изведби на дела од композитори како Гинастера, Бритн, Турина, Хиндемит, Корнголд и други, меѓутоа нема да изостанат ни стандардните симфониски дела меѓу кои симфониите на Рахмањинов и Чајковски, Моцарт, Бетовен и Брамс, како и македонските композитори Глигор Смокварски еден од основачите на македонското симфониско творештво чија 100-годишнина од раѓањето се празнува во 2014, Томислав Зографски, Михајло Николовски, Александар Лековски …, вели директорката на филхармонијата Маја Чанаќевиќ.
Од солистичките имиња во новата сезона на филхармонијата ќе бидат претставени врвни инструменталисти меѓу кои спектакуларниот пијанист Алексеј Володин кој ќе настапи на отворањето на сезоната, брилјантните виолинисти Иља Гринголц и Александар Ситковетски, виолончелистот Јоханес Мозер, виолистот Максим Рисанов, вистинскиот мајстор на обоата Алексеј Огринчук, пијанистот Давид Фре кој ќе настапи на целовечерниот концерт посветен на творештвото на Бах и Андреј Коробејников кој во Скопје ќе го отсвири вториот концерт за пијано и оркестар од Јоханес Брамс, како и миленикот на македонската публика францускиот уметник на харфата-Емануел Сејсон.
Македонските солисти на концертниот подиум ќе бидат претставени преку инструменталното мајсторство на кларинетистот Васко Дуковски, пијаниските Марија Вршкова и Ирина Наумовска, виолинистите Олег Кондратенко и Александар Краповски.
Филхармонијата ќе настапи и во рамките на Скопскиот џез фестивал, а во февруари со концерт насловен „Амор“ ќе го одбележи Денот на вљубените.
Патувајќи низ различните музички традиции, на концертниот подиум ќе биде претставена и португалската музичка атракција, еден од најспектакуларните фадо вокалисти- Камане, познат и како кралот на фадо музиката.
Македонската филхармонија во септември ќе ги продава своите претплатнички циклуси по поволни цени, а посетителите ќе можат да изберат од неколкуте различни комбинации на концерти кои ќе им овозможат уникатно и неповторливо музичко уживање во текот на целата концертна сезона.