Почнаа градежните активности за поврзување на општините Свети Николе и Пробиштип, со средства обезбедени од Владата во висина од околу еден милион евра.
Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски при денешната посета истакна дека изградбата и асфалтирањето на овој регионален пат значи поврзување на регионот.
– Овој пат со години наназад го бараат жителите на Пробиштип, но и од оние кои доаѓаат во населените места, кои се наоѓаат по текот на овој пат. Проектот е дел од нашата програма, го реализираме и очекувам до крајот на септември да дојдеме повторно тука, каде што ќе биде пуштен овој пат, рече Јанакиевски.
Директорот на ЈП за државни патишта, Љупчо Георгиевски вели дека екипите на ЈП „Македонија пат“ го асфалтираат патот меѓу светиниколското село Мечкуевци и пробиштипското село Неокази во должина од над пет километри.
– Ова што сега го видовме ќе биде најбрзо санирано со сообраќајна сигнализација. Значи оние еластични огради, заштитни сигнали и да се зголеми безбедноста на сообраќајот, вели Георгиевски.
Градоначалниците на Пробиштип и на Свети Николе, Тони Тоневски и Зоран Тасев истакнаа дека поврзувањето на двете општини значи побрза комуникација, но и побрз економски развој на овој регион.
Георгиевски најави дека во септември почнува проширување на патот Штип-Велес и тоа првата фаза од селото Кадрифаково кон Велес во должина од 24 километри, кој е и со најмногу црни точки. Во тек е и тендерска постапка за проектирање, а веќе од наредната година и да почне проширувањето на патот Штип-Радовиш.
Министерот Јанкиевски додаде дека Владата работи на изнаоѓање најповолни финансиски пакети за изградба на автопатот Штип-Миладиновце и автопаптот Кичево-Охрид.