Листата за помилувања вратена во затворските управи

Од:

Листата за групните новогодишни помилувања ја прават затворите, ја доставуваат до Министерството за правда, а оттаму списокот со имиња на оние кои бараат порано да излезат од затвор се проследува до Комисијата за помилување во Кабинетот на претседателот на државата. Станува збор за редовна постапка што се спроведува пред Нова Година.

Листата со имиња што беше објавена вчера и предизвика серија реакции во јавноста е вратена на разгледување во затворските управи. Надлежните велат дека листата не е конечна и оти на неа нема да се најде ниту едно спорно име.

-Листата за групните новогодишни помилување според формални критериуми ја прават затворите. Минатата недела таа технички беше проследена до Кабинетот на претседателот на разгледување. Таа листа не е конечнa и не е на предлог на Министерството за правда, напиша на „Фејсбук“ министерот за правда Бојан Маричиќ.

Додаде дека откако ја видел во петокот почнал процедура за нејзино повлекување, која вчера се формализирала.

– Со мој потпис списокот го вратив назад кај затворите на уште едно разгледување, напиша Маричиќ.

И заменик министерот за правда Агим Нухиу претходно објави на „Фејсбук“ дека е повлечен списокот на лица предложени за помилување што треба да биде доставен до претседателот на државата Стево Пендаровски.

-Ја информираме пошироката јавност дека Иницијативите за помилување покренати од Управите на затворите се повлечени од страна на Министерството за правда! За каузата на правдата ние секогаш ќе дејствуваме!, напиша Нухиу.

Првиот човек на Министерството за правда вчера најави дека спорната листа ќе се прочисти и дека тој не дава никакви помилувања.

Посочи дека оваа постапка не е јавна и не се објавува во јавност.

– Неблагодарно е да се објавуваат имиња во рана фаза затоа што станува збор за луѓе што се осудени и имаат свои надежи. Ние ќе се погрижиме да не се најде ниедно спорно име на списоците, рече Маричиќ.

Од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски за МИА потврдија дека Комисијата за помилување ќе ја закаже седницата кога ќе пристигне финалниот список од Министерстовото за правда со предлозите за групното помилување.

-Комисијата за помилување ќе ја закаже седницата кога ќе пристигне финалниот список од Министерстовото за правда со предлозите за групното помилување. Јавноста како и секогаш ќе ја информираме веднаш кога ќе се донесат одлуките, велат од Кабинетот на Пендаровски.

Со реакции за предлог листата за помилување вчера излегоа и неколку политички партии.

По информацијата дека министерот за правда доставил барање до претседателот Стево Пендаровски за помилување на Бобан Илиќ, казнет за убиството на малиот Алмир Алиу на 25 јуни 2016 година, од Алтернатива вчера на прес-конференција побараа претседателот на државата да не го потпише ова помилување и барањето да биде повлечено.

Од Алијансата за Албанците, пак, во знак на револт за иницијативата за помилувања го обоија со црвена боја Министерството за правда. Омер Ајдини од Форумот на млади на Алијансата за Албанците истакна дека бараат итна оставка од министерот за правда, заменик министерот и сите чинители кои ја преземале оваа иницијатива за помилување.

На списокот за помилување од издржување на дел од затворската казна или за целосно помилување како предлог до претседателот на државата Министерството за правда има 48 лица. Меѓу имињата, како што објавија дел од медиумите, се и бизнисменот Сеат Кочан, Александар Василевски-Нинџа, контроверзниот сведок на обвинителството за случувањата на 27 април 2017 година, Бобан Илиќ, осуден за убиството на 4 годишниот Алмир во Куманово…

Би можело да ве интересира

Почнати се разговори за нов состав на Комисијата за помилување

Горан Наумовски

Колективна оставка на членовите на Комисијата за помилување

А1он

Мицкоски: Случајот со помилувањето е кукавичко јајце оставено од претходната Влада

А1он

СДСМ: Апсењето на Равманоски е обид на власта да го покрие скандалот со помилувањата!

Горан Наумовски

Помилуваниот Акиф Равмановски само што излезе од „Идризово“ е уапсен за убиство

Горан Наумовски

СДСМ: Со помилување криминалци ВМРО ДПМНЕ го честиташе Денот на револуционерната борба