Бесплатен оброк за сите припадници на Армијата, најавија денеска министерката за одбрана Радмила Шеќеринска и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски. Тие соопштија дека за почеток бесплатен оброк ќе биде обезбеден за гарнизонот во Штип, а потоа и за другите припадници на Армијата.
– Во изминатите неколку години, државата почна повеќе да го цени учеството на Армијата во кризни ситуации, како што беше состојбата со ковид или справувањето со пожарите. Нашето членство во НАТО покажа дека дел од стандардите ги внесуваме во Армијата и не останавме само на тоа, државата и армијата само формално да бидат дел од НАТО, рече министерката за одбрана Шекеринска.
Таа нагласи дека секоја година се решаваат проблемите на припадниците на Армијата, како што беше зголемување на платите, дополнителните додатоци и обезбедување на дневници.
– Пред два дена почна еден проект. Се работи за иницијатива на Генералштабот, за која сметаме дека е оправдана. Припадниците на Армијата, навистина заслужуваат еден оброк кој ќе биде бесплатен и ќе се финансира од страна на буџетот. Пред два дена беше објавен тендер, кој се однесува на обезбедување на еден бесплатен оброк за сите припадници на нашата лесна пешадиска борбена група, кои се сместени во Штип и кои ги гледаме како првиот чекор да тестираме како тоа ќе функционира. Целта е, согласно нашиот финансиски план, во 2022 година да обезбедиме целосно покривање на оваа организирана исхрана во Штип, а во 2023 година за сите припадници на армијата, соопшти Шекеринска.
Таа рече дека ова е шанса и за домашните компании да и понудат на Армијата исхрана за цела година.
– На почетокот на оваа година Генералштабот иницираше проект бесплатен оброк за секој припадник на Армијата и наиде на целосно разбирање од Министерството за одбрана. Ни беше овозможено да ги создадеме сите нормативни неопходност и истиот да го стартуваме од почетокот на 2022 година. Ќе почнеме од гарнизонот Штип, каде што ни е јадрото на баталјонската борбена група. Очекуваме до крајот на 2022 година да го реализираме со успех, а следната 2023 година, бесплатен оброк да биде обезбеден за сите гарнизони и за сите вработени, изјави Генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.