Во вооружениот напад врз багдадскиот затвор „Абу Граиб“ во текот на минатата ноќ, избегале приближно 1.000 затвореници, соопшти денеска ирачки пратеник Хаким ал Замли.
Како што јави ДПА, според Замли, кој е член на парламентарната Комисија за безбедност и одбрана, од затворот „Абу Граиб“ избегале меѓу 500 и 1.000 затвореници, главно членови на мрежата Ал Каеда.
– Ова не може да се толерира. Службениците во затворот, за кои ќе се докаже дека покажале небрежност, ќе бидат повикани на одговорност, изјави тој.
Најмалку 41 лице загинаа во нападите врз „Абу Граиб“ и врз затворот во Таџи, што почнале синоќа и траеле до утринските часови, соопштија претходно ирачките власти.
Во нападите загинале 20 полицајци, чувари и војници и 21 затвореник, додека 41 осуденик биле повредени.
Координираните напади врз „Абу Граиб“, северно од главниот град, траеле околу десет часа.