Десетина училници и кабинети, помошни простории и холовите на два ката од СОУ „Гошо Викентиев“ се поплавени по протекувањето на кровната конструкција што се реконструира.
По обилните врнежи од дожд и по топењето на снегот, водата се пробила низ бетонските тавански плочи и ги оштетила компјутерите, училишниот инвентар, инсталациите и другата опрема, поради што е исклучена и електричната енергија.
– Поради реконструкцијата на кровот, фирмата изведувач ги отстрани покривните елементи, со што половина од училишната зграда беше целосно откриена и препуштена на временските неприлики. Најголема штета е предизвикана во кабинетите на вториот кат, каде водата сè уште протекува, поради што со сме принудени ја собираме со кофи и канти за да спречиме нејзино пробивање на подолните катови. Ангажиран е целиот технички персонал и имаме непрекинато дежурство, за да спасиме дел од инвентарот и опремата. Засега нема процена на висината на штетата, со оглед што уште ги утврдуваме дефектите, но очигледно е дека ќе биде голема, истакна Спирко Златков, в.д. директор на СОУ „Гошо Викентиев“.
Со оглед што нема услови за физичко присуство, а и заради безбедност на учениците и вработените во средното училиште, наставата се одвива онлајн.
За состојбата е информиран надлежниот инспекторат, кој треба да направи дополнителна процена на штетата и причините поради кои дошло до поплавувањето на училиштето.
Во меѓувреме изведувачот забрзано ги продолжи градежните работи за реконструкција на кровот за да се спречи ново протекување на водата.