Новата бугарска Влада ќе ја задржи единствената позиција кон Северна Македонија, предвидува делот за надворешна политика од коалицискиот договор на партиите што го сочинуваат новото парламентарно и владино мнозинство. Во додатокот на документот, како што објавија бугарски медиуми, се наведува дека односите ќе се надградуваат „во конструктивен дух“ и се опишуваат чекорите како тоа ќе се постигне.
Првиот чекор е да се активира работата на билатералните комисии предвидени со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка преку календар на месечни состаноци. Планирано е формирање деловни комисии (со учество на добавувачи и клиенти во секоја од двете земји). Уште еден чекор е засилена соработка во областа на транспортот, меѓу кои се директното воздушно поврзување Софија-Скопје, изградба на Коридорот 8, финансиската поддршка за железничкото поврзување. Предвидено е интензивирање на соработката во областа на науката и културата (заеднички културен календар, заеднички научни конференции).
Други начини на кои ќе се работи за приближување со Скопје се: да се продолжи работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања; Бугарија очекува властите на Република Северна Македонија да обезбедат трајна заштита од дискриминација и еднакви права на македонските граѓани со бугарски идентитет како составен дел на европските вредности; размена на архиви од периодот 1944-1991 година со цел рехабилитација на жртвите на репресијата; активирање на јавната дипломатија како алатка; поддршка на интеграцијата на Pепублика Северна Македонија во ЕУ преку пренесување на бугарските искуства.
Меѓу приоритетите во надворешната политика на Владата на премиерот Кирил Петков е и продлабочувањето на стратешките односи со САД и укинувањето на визниот режим за бугарските граѓани. Покрај тоа, се предвидува и зајакнување на билатералните односи и политичките врски на нова основа со Обединетото Кралство, во координација со политиката на ЕУ.
Наведено е и продолжување на дијалогот со Русија во рамките на политиката на ЕУ и развој на еднакви односи врз основа на принципите на меѓународното право.
Истовремено, приоритет ќе биде и поддршката на процесот во Минск за дипломатско решавање на конфликтот во источна Украина со мирни средства и поддршка во рамките на ЕУ и НАТО за деескалација на тензиите во регионот на Црното Море.
На списокот се и „евергрините“ на бугарската надворешна политика: инсистирање на руската страна за враќање на бугарските архиви и обесштетување за наследниците на тракиските бегалци од Турција.
Пратениците во бугарскиот парламент вчера го изгласаа Кирил Петков за нов премиер на Бугарија, по што ја одобрија министрската листа и со тоа ставија крај на повеќемесечната политичка криза во земјата. Во четирпартитната коалиција покрај партијата на Петков Промените продолжуваат (ПП), се и социјалистите (Социјалистичка партија), ИТН (Има таков народ) и централнодесничарската партија Демократска Бугарија. Нов шеф на бугарската дипломатија е Теодора Генчовска, која е кадар на партијата ИТН на Слави Трифонов.