Германскиот дневник „Зиддојче Цајтунг“ пишува дека со романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ македонскиот автор Гоце Смилевски лансира изненадувачки светски успех.
Во својата критика Феликс Штефан подвлекува дека-„фиктивната автобиографија на Адолфина Фројд во делото на Смилевски е издигната на ниво на врвен роман“.
Угледниот германски неделник „Ди Цајт“, во својот број од 11 јули, ја објавува критиката на Инса Вилке во која, меѓу другото, се вели: „Се работи за автор кој ги развива своите приказни од големите концепти кои ги револуционирале Европа и светот. Претензијата на Смилевски е да ги поврзе таквите теории и нивните музејски смрзнати протагонисти со животните раскази на нивното време и да ги отвори кон сегашното.“
Романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски на германски е објавен неодамна во издание на „Матес унд Зајц“ од Берлин. Автор на преводот е Бенјамин Лангер, професор на Слободниот универзитет во Берлин.
За романот „Сестрата на Зигмунд Фројд“ Гоце Смилевски во 2010 година ја доби Наградата за литература на Европската Унија, а минатата година Наградата за медитеранска култура.