Продажбата на оружје се зголеми во 2020 година и покрај пандемијата на коронавирус и нејзиното влијание врз економијата, покажаа денешните податоци од Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (СИПРИ).
Сто од водечките светски производители продале оружје и услуги во вредност од 531 милијарда долари минатата година, што е реален пораст од 1,3 отсто во споредба со 2019 година, соопшти СИПРИ.
Продажбата на оружје расте шеста година по ред, и покрај падот на светската економија од 3,1 отсто во првата година од пандемијата, забележува шведскиот институт.
– Гигантите во индустријата за оружје беа во голема мера заштитени од континуираната побарувачка на владата за воени стоки и услуги, рече Александра Маркштајнер, истражувачка во институтот.
– Воените трошоци се зголемија во поголемиот дел од светот, а некои влади уплатија поголеми суми на сметките на индустријата за оружје за да го ублажат влијанието на кризата со Ковид-19, додаде Маркштајнер.
На прво место по бројот на компании меѓу 100-те водечки е САД, со 41 компанија и оружје продадено во вредност од 285 милијарди долари, за 1,9 отсто повеќе отколку во 2019 година.
На листата се 26 европски компании кои продадоа оружје во вредност од 109 милијарди долари во 2020 година и пет кинески компании со 66,8 милијарди долари приход од продажба на оружје, 1,5 отсто повеќе од 2019 година.
Комбинираната продажба на девет руски компании кои се рангирани меѓу 100-те водечки падна минатата година, четврта година по ред, и тоа за 6,5 отсто, на 26,4 милијарди долари.
Производителите од други земји ја зголемија продажбата за 3,4 отсто, на 43,1 милијарди долари, утврди СИПРИ.
Американските компании држат нешто повеќе од половина од глобалниот пазар на оружје, европските околу една петина, кинеските 13 отсто и руските пет отсто, покажуваат податоците на СИПРИ.