Комбинираниот состав на македонската кошаркарска репрезентација го претрпе вториот пораз на турнирот во Куншан, каде загуби од домашната селекција на Кина со 80:60.
По вчерашниот пораз од Црна Гора (77:82), денеска избраниците на селекторот Марјан Србиновски се поразени од Кина со 80:60 по четвртини 24:12, 24:18, 9:18 и 23:12.
Лошото прво полувреме во кое нашите кошаркари имаа голем број на промашувања за три поени, резултираше и со негатива од дури 24 поени разлика (12:36) во вториот период по кој на полувремето домаќинот Кина замина со предност од 18 поени разлика (48:30).
Во третиот период сосема поинаква игра на македонските кошаркари, по кои четвртината ја добија со 18:9 и успеаа да фатат резултатски приклучок, односно во средината на последната четвртина имаа негатива од само 4 поени разлика (57:53).
Сепак наместо да се продолжи во ист ритам, одново избраните на Србиновски, почнаа да форсираат шут од далечина, без реализација, па таквата игра противникот знаеше да ја искористи и казни, за на крајот Кинезите да слават победа со 20 поени разлика (80:60).
Војдан Стојановски со 19 поени одново беше најефикасен во нашата репрезентација, за која Алчександар Костовски реализија 11, а Дамјан Стојановски 10 поени.
Утре на последниот ден од турнирот Македонија ќе игра против селекцијата на Исланд од 12 часот и 30 минути по македонско време.