Македонската кошаркарска репрезентација со пораз го почна настапот на турнир во кинескиот град Куншан. Во првиот натпревар одигран вчеравечер избраниците на селекторот Марјан Србиновски загубија од Црна Гора со 82:77.
Решавачка за конечниот исход беше последната четвртина, која Црногорците ја добија со 29:20. Претходно, двете репрезентации кои во Кина не се во најсилен состав, играа изедначен натпревар. Нашата селекција беше најубедлива во втората четвртина која и припадна со 22:12.
Во репрезентацијата на Македонија најефикасен беше Војдан Стојановски со 20 поени, Александар Костоски постигна 13, додека Дамјан Стојановски реализираше 12 поени. Кај Црна Гора, прв стрелец беше Александар Радуловиќ со 13 поени.
Денеска Македонија игра со домаќинот на турнирот, репрезентацијата на Кина. Почетокот на овој натпревар е во 14 часот. Кинезите во првиот настап го победија Исланд со 60:48.